ИВАНОВ, Ѓорге

ИВАНОВ, Ѓорге (Валандово, 2. Ⅴ 1960) – универзитетски професор, политолог. Основно и средно образование завршил во родното место. Дипломирал (1982), магистрирал (1994) и докторирал (1998) на Правниот факултет во Скопје на тема „Демократијата во поделените општества, со посебен осврт на Република Македонија“. Избран за асистент (1995), за доцент (1998) и за вонреден професор (2003) во научната област политички теории и политичка филозофија. Избран за визитинг-професор на постдипломските студии на Универзитетот за Југоисточна Европа во Атина (1999) и за член на Советот на директорите на европските постдипломски студии за демократија и човекови права на Универзитетот во Болоња (2000). Координатор на курсот за демократија што се изведува на Универзитетот во Сараево. Основач на Институтот за демократија, солидарност и цивил-но општество во Скопје (1999-2006) и издавач на списание „Политичка мисла” за политичко-општествени теми во Скопје (од 2003). Објавил поголем број научни трудови на македонски и на англиски јазик од областа на политичките науки. Се занимава и со проучување на милет-системот во Османлиската Империја. На непосредни избори од април 2009 г. е избран за претседател на РМ. БИБ.: Цивилно општество – новите противречности на старата расправа, Скопје, 1994; Глобализам и нов трибализам, Њујорк, 2001. ЛИТ.: Правен факултет – Педесет години 1951 – 2001, Скопје, 2001. Св. ш. Зоран Иванов