ИВАНОВСКИ, Благоја

ИВАНОВСКИ, Благоја (Скопје, 28. Ⅱ 1921 – Скопје, 14. Ⅴ 1994) – композитор. Заедно со Смокварски и Македонски, бил еден од втемелувачите на современиот македонски симфонизам. Својот талент го најавил со композицијата „Разделба” (1948), но вниманието на вкупната музичка јавност во Македонија, па и пошироко, го свртел со симфониската поема Размислување (1954), која до денес остана една од неговите најмаркантни творби. Подоцна напишал уште цела низа симфониски поеми (Фреска, 1961; Вардар, 1979; Нерези, 1984; и др.) во кои посебно го привлекувале историските теми од македонското подалечно и поблиско минато. Во неговиот опус, присутни се и камерни композиции (Варијации за пијано, 1952; Суита за виолончело и пијано, 1956), соло-песни (Јунак и бука, 1951; Дон Кихот, 1960) и детски песни. Поголем дел од својот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, а еден подолг период бил раководител на нејзината Музичка продукција. М. Кол.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *