ИВАНДЕН РАЃАЊЕ НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

ИВАНДЕН – РАЃАЊЕ НА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ -. еден од поголемите летни христијански православни празници во чест на раѓањето на свети Јован Крстител (7 јули/24 јуни). Се празнува со многу обичаи, верувања и песни поврзани со билките. Верувањето дека сонцето на тој ден играло или се превртувало три пати, произлегува од фактот што празникот е во најтоплиот период од годината. Спроти празникот се бере цвеќе што се вика иванден и се става во ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Вечерта спроти празникот, за здравје се бере папрат, што се става во постелата каде што се спие. Утрото на празникот со папрат се вијат венци што се ставаат во градините, со верување дека ќе ги штитат растенијата од штетници. Со празникот е поврзан и обичајот Тајане. Група девојки закитувале едно ѓумче со разни билки, една го ставала на глава, а другите оделе со неа и пееле иванденски песни: Тајане Бојане, имам брат свети Јоване… Во Преспа со многу обичаи и верувања девојките правеле кукла „Иванка” која потоа ја шетале низ улиците, пееле песни и собирале дарови. ЛИТ.: „Сборник за народни умотворения, наука и книжнина”, т. Ⅷ, София, 1896, 144. М. Кит.