ЗУРЛА

ЗУРЛА -. музички народен дувачки инструмент со две јазичиња од типот на обоа. Според различните големини, во Македонија се користеле три вида зурли: каба (најголема), јарамкаба (средна) и џура (најмала). Најчесто се изработува од ореово дрво, во два дела. Поголемиот цевчест дел завршува во Македонска зурла конусна форма, со вкупна должина од 600-630 мм, 480-540 мм и 250-280 мм. Од предната страна има седум мелодиски дупки, а осмата е одзади за палецот, меѓу шестата и седмата дупка. На долниот конусен дел има неколку отвори, наречени гласници. Горниот дел наречен славец е околу трипати помал од мелодиската цевка. Тој се навлекува на нејзиното грло така што неговиот долен дел, кој завршува во вид на две надолжни листенца, од внатре достигнува до вториот или третиот мелодиски отвор. На горниот дел е навлечен кружен метален медник со цевче на кое се втиснува двојазична писка од трска. ЛИТ.: Д-р Александар Линин, Народните музички инструменти во Македонија, Скопје, 1986, 106. Ѓ. М. Ѓ.