ЗУЛФИЌАРИ, Азем

ЗУЛФИЌАРИ, Азем (Азем Зулфиљари) (с. Равен, Гостиварско, 6. Ⅻ 1925) – политичар и општественик. Бил член на СКМ (од 1948). Ја завршил Високата школа за политички науки во Белград (1962). Бил учител, просветен инспектор, шеф на Отсекот за просвета на Собранието на Општина Гостивар, потпретседател на Околиското собрание во Тетово, претседател на Собранието на Општина Гостивар и претседател на Републичката конференција на ССРНМ (1967-1969). Исто така, бил и на разни раководни должности во СКМ: член на Секретаријатот на Општинскиот и на Околискиот комитет на СКМ во Гостивар и во Тетово, член на ЦК на СКМ, член на ЦК на СКЈ и на Претседателството на ЦК на СКЈ. Освен тоа, во два мандата бил и републички пратеник, потпретседател на Извршниот совет на СРМ, член на Сојузната конференција на ССРНЈ, член на Претседателството (од март 1980) и претседател на Републичката конференција на ССРНМ (1981), амбасадор на СФРЈ во Бурманската Унија, член на Советот на Федерацијата, член на Претседателството на ЦК на СКМ, член на Комисијата за кадровска политика на Претседателството на ЦК на СКМ и член на Комисијата за соработка со комунистичките и работничките партии и други прогресивни движења, член на Републичкиот општествен совет за односи со странство (1981) и др. ЛИТ.: (Азем Зулфиќари), „Борба”, ЛЏ, 50, Београд, 21. Ⅱ 1981, 3. С. Мл.