ЗРНОВЦИ

ЗРНОВЦИ – село во Кочанско. Се наоѓа на јужната страна на Кочанската Котлина, во подножјето на планината Плачковица, на надморска височина од околу 380 м. Со регионални патишта е поврзано на север со Кочани и на исток со Виница. Тоа е населено со Македонци, а нивниот број изнесува 2.221 ж. Главно занимање на населението е производството на ориз. Зрновци е седиште на општина која зафаќа површина од 5.582 ха, а има 3 населени места со 3.264 ж. Има осумгодишно училиште, здравствена станица, оризова фабрика и развиена земјоделска организација. Ал. Ст.