ЗООЛОШКИ ЗАВОД

ЗООЛОШКИ ЗАВОД – научноистражувачка установа во рамките на Институтот за биологија на ПМФ во Скопје. Научноистражувачката дејност на Зоолошкиот завод се одвива главно во две насоки: 1) фаунистички, зоогеографски, еколошки и зооценолошки истражувања на одделни групи животни и 2) хистолошки, односно цитолошки истражувања на одделни органи кај некои животни, главно ’рбетници. Формиран е во 1946 г. Наставно-научната дејност на Заводот е организирана во лабораториите по цитологија и хистологија, молекуларна биологија, инвертебрата, анимална екологија со зоогеографија, вертебрата и споредбена анатомија. Во Заводот работат единаесет наставници и асистенти и двајца лаборанти. Д. Пр.