ЗООАНТРОПОГЕНИ ВЛИЈАНИЈА ВО ШУМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

ЗООАНТРОПОГЕНИ ВЛИЈАНИЈА ВО ШУМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА. Во античкиот период народите што живееле во Македонија ги користеле шумите на дабот прнар за брстење на овците. Повисоко во планините ја уништувале шумата за добивање летни пасишта. Тоа било причина за појава на порои и поплави. Затоа познатиот грчки филозоф Платон се противставил на уништувањето на шумата. Паралелно со развитокот на човечкото општество растела потребата за обработлива земја и пасишта и сè повеќе се уништувала шумата и тоа најнапред на дабовите благун и плоскач, а подоцна и на сите други шуми што му биле на дофат на месното население. Во ⅩⅠⅩ в., кога средствата за сеча и дотур станале поусовршени, се започнало со сеча на букови шуми за индустриска преработка. Во периодот на владеењето на Римската Империја биле уништени шумите на дабот благун во Централна Македонија. Тоа предизвикало измивање на езерските седименти и на површина се појавиле солени палеогени седименти, а на нив се прошириле степски и пустински елементи. Состојбата се влошила во средниот век кога се доселило турско население. На места каде што се сочувани неогените седименти сè уште се наоѓаат фрагменти од благунови шуми. Во средновековниот период се пустошени шумите на благунот и во клисурите и на достапни места во градовите, на пр., во Прилепско, Велешко, Битолско, Охридско и на други места. Во времето на цар Душан, на Осогово над Крива Паланка се вршеле површински ископи на железна руда, а буката била уништувана. Поради тоа настанале порои и поплави. Од тие причини, во Душановиот законик (1349 –1354), на рударите им се забранувало уништување на шумата. Во периодот на владеењето на Османлиското Царство се сечеле дабови шуми. Главни потрошувачи биле градските и селските домаќинства и бањите. Во буковите шуми многу се произведувал и дрвен јаглен. Во втората половина на 19 в. безмилосно се сечат буковите шуми. Во тоа време, европскиот капитал навлегувал и во европска Турција. Трговците од Солун ја преземале експлоатацијата на буковите шуми во Малешевските и Мариовските Планини и на Пелистер. Само во Мариово имало 37 пилани поточари, а бичената граѓа со каравани е носена во Солун. За Солун се транспортирало дрво со сплавови по Вардар. Со експлоатацијата не биле зафатени буковите шуми на тешко достап-Со Душановиот законик (ⅩⅣ в.) се забранувало уништувањето на шумите ните терени на Плачковица, Дудица, Караорман, Песјак и други, кои по Втората светска војна биле стопанисувани со методи на трајно користење и на нив е планирана дрвната индустрија. Р. Р.