ЗОГРАФСКИ, Томислав

ЗОГРАФСКИ, Томислав (Велес, 29. Ⅲ 1934 – Скопје, 14. Ⅰ 2000) – композитор. Студиите по композиција ги завршува на Музичката академија во Белград (М. Живковиќ, 1961). Од 1967 г. до крајот на животот е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тој е еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика. Во својата прва творечка етапа, под влијание на С. Прокофјев и И. Стравински, прв во македонската музика внесува елементи на музичкиот неокласицизам. Во понатамошниот композиторски развој, З. прифаќа помодерен начин на музичко изразување, барајќи сопствен израз во актуелните музички струења, но задржувајќи, во трансформиран вид, и елементи од претходниот период. Во вокално-инструменталните дела од овој период, карактеристично е обраќањето на авторот кон македонската световна и духовна музичка традиција, како извор на творечка инспирација. З. е автор на дела од повеќе музички родови. Тој ги искористува тонските низи на традиционалната македонска музика, како на пр. во циклусот „Записи” за длабок глас и пијано (1963), ед-но од најзрелите дела во неговиот опус, каде вклучува фрагменти од византиско-словенската оставина на македонска почва, т.е. мелодиски фрагменти од т.н. пападикиско пеење на св. Јован Кукузел од ⅩⅣ в. Во ист стил е напишан и ораториумот „Похвала Кирилу и Методију”, за бас, рецитатор, хор и оркестар (1969). Меѓу камерните дела на авторот се издвојува „Есеј за дождот”, циклус за висок глас и оркестар (1982). Б. Орт.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *