ЗНАМИЊА НА МАКЕДОНСКОТО ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ

ЗНАМИЊА НА МАКЕДОНСКОТО ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ -. националноослободителни воени симболи на македонскиот народ. Разните македонски ајдутски и комитско-револуционерни дружини, одреди и воени единици во ослободителните востанија користеле знамиња со разни бои и обележја. Во Разловечкото востание (1876) се веело свилено знаме со огнен црвен лав без круна на жолто поле, со натписот: „Македон˜џ – станете да ви освобода”, изработено според „Стематографијата” (1741) на Хр. Жефарович. Во Илинденското востание секоја чета имала свое различно знаме. Под влијание на истата „Стематографија” често се користел лавот како симбол со додатни украси: меч, сабја или пушка во шепите, или како ги кине синџирите, со полумесечина и ѕвезда што ги гази, но и со разни други решенија – мома како симбол на Македонија (под влијание на Француската револуција), која го кине синџирот на ропството, со турски знамиња и оружје под нејзините нозе (во неред) и со знаме во левата рака со мошне честиот натпис „Слобода или смрт”. Македонската артилериска единица во шпанската граѓанска војна употребувала македонско знаме со црвена основа и со петокрака ѕвезда. Во времето на НОБ секоја единица на НОВ и ПОМ имала и свое посебно знаме, главно со црвена подлога, жолти рабови и пролетерски симболи (петокрака, срп и чекан). Извесно време Гш на НОВ и ПОМ го користел црвено-црното знаме (Лопушник, 1943), но потоа било официјализирано традиционалното црвено знаме со жолта петокрака во горниот лев агол, озаконето и со првиот Устав на ДФМ (31. Ⅻ 1946). ЛИТ.: Д-р Александар Матковски, Грбовите на Македонија. Прилог кон македонската хералдика, Скопје, 1970, 147&151; Д-р Симо Младеновски, Македонските национални симболи во текот на НОБ, „Гласник”, ИНИ, 48, 1&2, Скопје, 2004, 23&42; истиот, Државните симболи на Република Македонија, Република Македонија 60 години по АСНОМ. Зборник од научниот собир по повод шеесетгодишнината од АСНОМ одржан во Скопје на 15&16 декември 2004 година, МАНУ, Скопје, 2005, 357&373. С. Мл.