ЗНАМЕТО НА РМ

ЗНАМЕТО НА РМ. На 11. Ⅷ 1992 г., Собранието на РМ усвојува Закон за знамето на РМ, според кој знамето на РМ е „црвено со златно-жолто сонце, сонцето е со 8 основни и 8 споредни сончеви зраци, благо задебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск, основните сончеви зраци непосредно се одвојуваат од сончевиот диск, а крајната надворешна должина на сите 16 сончеви зраци се поклопува со надворешната периферија на сонцето, дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од широчината на знамето, односот на дијаметарот на сончевиот диск и должината на основниот сончев зрак е 1:2, а односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е 7:8, центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето, односот на широчината и должината на знамето е 1:2” (популарното Сонце од Кутлеш/Вергина). По потпишувањето на Привремената согласност за нормализација на односите меѓу РМ и РГ (13. IX 1995), поради инсистирањето на РГ за промена на знамето на РМ, (присвојување ексклузивно „право” врз употребата на симболот од Кутлеш/Вергина од страна на РГ и негово злоупотребување во контекстот на спорот околу името) на 5. Ⅹ 1995 г. Собранието усвојува нов Закон за знамето на РМ, според кој знамето на РМ е „црвено со златно-жолто сонце со осум сончеви зраци што се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето, сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала, дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето, центарот на сонцето се поклопува со центарот во кој се сечат дијагоналите на знамето, односот на широчината и должината на знамето е 1:2”. Т. Петр.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *