ЗМЕЈСКИ ПЕСНИ

ЗМЕЈСКИ ПЕСНИ -. лирски, лирско-епски и епски песни. Ги опеваат змејовите како митолошки суштества, нивните карактеристики и односи со луѓето. Во народното верување змејот е машко дете што го родила жена која го носела подолго од обично. Се верува дека секој синор си имал свој змеј што го чувал од разни штети, а посевите од разни елементарни непогоди во времето на зреењето. Затоа тој е симбол на плодноста. Се верува дека постојано место на живеење на змејовите им се високите планини, каде што живеат во пештери и слични места. Во народните песни тие се опеани како големи љубовници, поради што девојките доброволно стапуваат во љубовни односи со нив (Стојна ми змеја љубила…). Тие имаат моќ за метаморфоза, па во разни форми (како облак, китка, подгрленце и сл.) се доближуваат до девојките, потоа грмнуваат, ги грабнуваат и ги носат во планините или во пештерите, со нив водат љубов, им се раѓаат деца и со нив живеат. ЛИТ.: Кирил Пенушлиски, Обредни и митолошки песни, Избор и редакција д-р Кирил Пенушлиски, Скопје, 1968; Марко Китевски, Македонска народна лирика (митолошки, трудови, семејни, детски, хумористични, љубовни песни), Скопје, 2000. М. Кит.

Напишете коментар