ЗМБОВ, Киро Фердов

ЗМБОВ, Киро Фердов (Кочани, 31. Ⅰ 1931) – член на МАНУ надвор од работниот состав (1988). Научен советник на Институтот за нуклеарни науки во Винча, Белград. Докторирал (1963) на ПМФ во Белград. Престојувал на постдокторска специјализација на Универзитетот Рајс во Хјустон, САД (1965–1967). Работел како гостин-научник во Центарот за нуклеарни истражувања во Јилих, Германија (1973–1975) и во Јапонскиот институт за атомски истражувања (ЈАЕРИ) во Токаи (1990). Научноистражувачката активност му е насочена кон реактивноста и структурата на неорганските молекули. Посебно се опфатени областите: кинетика на хемиски реакции со примена на стабилни изотопи како обележувачи; интеракција на неутрални честички (атоми и молекули) со усвитени метални површини; јонизација и дисоцијација на молекули при судир со електронски снопови, како и развивање на но-ви методи за изотопска анализа на ураниумот. Најзначајните резултати му се во подрачјето на масеноспектрометриското испитување на хемиски процеси на високи температури. За таа цел, во неговата група во Винча е конструиран специјален масен спектрометар со високотемпературен реактор и јонски извор со монохроматизиран електронски сноп. Трудовите му биле цитирани околу 730 пати. Имал богата соработка со центрите за нуклеарни истражувања во Јилих и во Карлсруе, со Националниот институт за стандарди и технологија во Вашингтон и со Државниот универзитет „Ломоносов” во Москва. Бил претседател на Југословенското друштво за масена спектрометрија и член на Научниот совет на Меѓународното друштво за масена спектрометрија. Бил и директор на Лабораторијата за физичка хемија во Винча. ЛИТ.: „Билтен”, Деветто изборно собрание, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 1988, 59. Б. ш.