ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ / СИСТЕМ НА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА

ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ / СИСТЕМ НА ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА .- збир од меѓусебно поврзани елементи во формална структура за задоволување на здравствените потреби на дефинирана популација чие финансирање, менаџмент, опсег и содржина на функциите и активностите се дефинирани со закони и друга регулатива. Тоа овозможува услугите што им се даваат на луѓето да придонесуваат за заштита на здравјето во домовите, образовните институции, работната средина, јавните места и локалните заедници, како и во физичката и психосоцијалната средина, во здравствениот сектор (лекарска ординација, здравствен дом, болница, клиника) и во другите релевантни сектори. Здравствениот систем обично е организиран на разни нивоа, почнувајќи од периферно или најниско ниво, исто така, познато како ниво на локалната заедница или примарно ниво на здравствената заштита, па преку интермедијарно (меѓуопштинско или регионално) до централното или највисоко ниво. Интермедијарното и централното ниво ги вклучуваат оние елементи на здравствениот систем што обезбедуваат прогресивно покомплексна и поспецијализирана заштита и згрижување. Комплексен/сеопфатен здравствен систем е оној што ги вклучува сите потребни елементи за да се задоволат сите здравствени потреби на населението. Инфраструктура на здравствениот систем (здравствена инфраструктура) вклучува служби, капацитети, институции или установи, организации и оние што работат и раководат со нив за спроведување на разни здравствени програми. Тие обезбедуваат здравствена заштита што се состои од комбинација на мерки за промоција, заштита, превенција, дијагностика, лекување и рехабилитација на сите лица, семејства и заедници. Здравствената заштита претставува организирана и севкупна дејност на општествената заедница за зачувување и унапредување на здравјето и животната и работната средина, остварување на правата и обврските во здравственото осигурување, како и мерките, активностите и постапките што ги преземаат организациите од областа на здравството за зачувување и унапредување на здравјето на луѓето, за спречување и сузбивање на заболувањата, повредите и другите нарушувања на здравјето, раното откривање на заболувањата и состојбите на здравјето, навременото и ефикасното лекување и рехабилитација, со примена на стручно-медицински мерки, активности и постапки. Здравствената заштита, која се засновува врз примарната здравствена заштита и врз единството на превентивните, дијагностичко-терапевтските и рехабилитационите мерки и врз начелата на достапност, рационалност и континуираност, како и врз современите и потврдени достигнувања на медицинските и други науки и на етиката на здравствените работници, пред сè се спроведува на местата каде што луѓето живеат и работат, а во нејзиното обезбедување и спроведување учествуваат поединци, семејства, работни организации, образовни и други институции, хуманитарни, спортски и други организации, организациите на здравственото осигурување, здравствената служба и локалната заедница. Иако сите мерки за заштитата на здравјето претставуваат интегрална целина, сепак тие можат да се поделат во неколку групи според стадиумот на природниот тек на болеста во кој се преземаат и според целите и нивоата на кои се дава соодветната заштита. Според тоа во која фаза од природниот тек на болеста се интервенира, може да се зборува за примарна, секундарна и терцијарна интервенција, односно превенција. ЛИТ.: Министерство за здравство на Р Македонија. Закон за здравствената заштита, „Сл. весник на РМ”, 38/1991, 10/2004, 5/2007; Дончо Донев, Здравјето на човекот – дефиниција, концепт и содржина. Како настанува болеста и природен тек на болеста. Современ концепт и дефиниција на здравствената заштита, во: Б. Никодиевиќ и др., Современа дијагностика и терапија во медицината, Скопје, 2000, 5-19. Д. Д.