ЗДРАВЕВ, Петар

ЗДРАВЕВ, Петар (Тетово, 25. Ⅵ 1883 – Скопје, 1960) – професор на Мед. ф. (Катедра за оториноларингологија). Студирал во швајцарија на Универзитетот во Женева. Во есента 1915 г. со група други македонски студенти во Женева се организирале и основале Академско друштво „Македонија” со цел да го запознава јавното мислење со положбата на македонскиот народ и да го актуелизира решавањето на македонското прашање. Здравев бил член на Иницијативниот одбор за обединување на македонските друштва (1918), а по создавањето Сојуз на македонските друштва во швајцарија бил избран за потпретседател на Генералниот совет. Учествувал во акциите за придобивање на европското јавно мислење и на владите на големите сили-победнички за разрешување на македонското прашање на Мировната конференција, со примена на правото за самоопределување и за создавање самостојна македонска држава. Во 1947 бил избран меѓу првите 19 наставници на новоформираниот Мед. ф. во Скопје и станува основоположник на Клиниката за ОРЛ и шеф на Катедрата сè до неговото пензионирање (1957). ЛИТ.: Љубен Лапе, Активноста на Главниот одбор на македонските друштва во швајцарија 1918–1919, „Гласник” на ИНИ, 1, 1965; Михајло Миноски, Федеративната идеја во македонската политичка мисла, Скопје, 1985. М. Мин. и Бр. Н.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *