/ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ

ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ

ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ – првата книга на современиот македонски литературен јазик и правопис и првата научно поставена, теоретски образложена и фактографски аргументирана историја на современиот писмен јазик и на македонската национално-политичка мисла. К. П. Мисирков книгата ја составил главно од своите предавања во МНЛД во С.-Петербург, а во декември 1903 г. ја објавил во Софија. Таа е препишувана и проучувана во Македонскиот литературен кружок во Софија и подготвувана за преиздавање, но второто издание е објавено цели 20 години по смртта на авторот во ослободената земја (Скопје, 1946). Иако упорно премолчувана, жестоко прогонувана, секаде забранувана и безмилосно уништувана, сè до полната афирмација во РМ македонскиот народ нема добиено позначајна, пополна и поактуелна книга од ова дело на македонскиот славист и културно-национален деец К. П. Мисирков. З Книгата содржи: Предгоор (с. Ⅲ–XI); шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред? (1–44); Имат ли се нужда от македонцки национални научно-литературни другарства? (45–67); Националнииот сепаратизм: земиишчето на коие се имат развииено и ке се развииат за однапред (68–99); Состауала, состауат и можит ли Македонииа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична иединица? (100–131) и Неколку зборои за македонцкииот литературен иазик (135–145). ЛИТ.: Крсте П. Мисирков, За македонцките работи. Фототипно издание, Скопје, 1953; Крсте П. Мисирков, Собрани дела, И. Текстови на македонски јазик (1900–1905), МАНУ, 2005; Ⅱ. Печатени истражувања и статии (1898–1909), 2007; Ⅲ. Национално-политичка публицистика (1910–1926), 2008; Д-р Блаже Ристовски, Крсте П. Мисирков (1874– 1926). Прилог кон проучувањето на развитокот на македонската национална мисла, Скопје, 1966, 346–380; Делото на Крсте Мисирков. Зборник од Меѓународниот научен собир по повод стогодишнината од излегувањето на книгата За македонцките работи, И–Ⅱ, МАНУ, 2005. Бл. Р.

2019-01-05T20:26:41+01:00 0 коментари