ЗАЈАСИ, Мефаил

ЗАЈАСИ, Мефаил (Еипов) (Зајас, Кичевско, 1919 – Тетовско, 1946) – организатор и водач на балистите во Западна Македонија во Втората светска војна (1941–1944). Бил водач на балистите во Кичевската околија кога Италијанците го унапредиле во чин капетан, а потоа Германците го исползувале за свои цели. Учествувал во сите оружени судири со македонските партизани на територијата на Кичевско и пошироко, како и во многубројните злосторства врз македонското население во селата во Кичевско (Кленоец, Попоец, Извор, Пополжани, Малкоец). Ликвидиран во судир со македонската војска. ЛИТ.: Ѓорѓи Малковски, Профашистичките и колаборационистичките организации и групи во Македонија 1941–1944, Скопје, 1995; истиот, Политичките партии и организации во Македонија во Втората светска војна 1941–1944, Скопје, 2002. Ѓ. Малк.