ЗАШТИТЕНИ ПРОСТОРИ

ЗАШТИТЕНИ ПРОСТОРИ – објекти за производство на зеленчук и на цвеќе во период кога надворешните услови не дозволуваат тоа да се изведува на отворено. Зависно од типот на заштитените простори и технолошката функционалност, одгледувањето на одредени видови градинарски и цвеќарски растенија може да биде привремено (до одредена фаза на растот) или целосно до завршувањето на вегетациско-производствениот процес. Површините под заштитени простори во РМ опфаќаат 320 ха целосно затоплувани (култивациони) и околу 4.000 ха незатоплувани (површини под фолии). Постојат две групи заштитени простори: елементарни (прости или привремени) и култивациони (совршени). Елементарните заштитени прос-тори немаат технички инсталации за регулирање на микроклимата. Постојат повеќе типови елементарно заштитени простори покриени со провидни материи (фолии). Покриени огништа – со дијаметар 30–40 цм и височина 30–50 цм. Се користат за одгледување лубеници, дињи, краставици, тиквички. Растенијата за одреден период (20–30 дена) се заштитени од надворешните неповолни температури. Покриени бразди и редови – со полиетиленска фолија, широки 40–50 цм, долги над 20–50 м и високи 30–40 цм. Се користат за времено одгледување (20–30 дена) лубеници, дињи, тиквички, боранија и др. Ниски тунели – со широчина 50– 120 цм, височина 40–80 цм, должина до 20 м. Се користат за повеќе градинарски и цвеќарски култури со директна сеидба или со расадување. При изведувањето на производните процеси треба да се откриваат. Пластеници Пластеници – технички поусовршени заштитени простори од претходните. Носечката конструкција најчесто е метална и релативно стабилна. Димензиите се различни. Единечните се со широчина 4–8 м, должина 30–50 м и височина 1,8–3,5 м. Има повеќе типови единечни пластеници, кои најчесто се тунеловидни, поретко со две страни (стреовидни), или во блокови повеќе споени меѓу себе. Покриени се со провидна полиетиленска фолија (ПЕ). Во пластениците сите производни процеси се изведуваат внатре. Поусовршените имаат луфтери за проветрување, инсталација за наводнување, техника за странично подигање на фолијата и др. Во овие простори може да се одгледуваат поголем број градинарски и цвеќарски култури. Зависно од типот на елементарно заштитените простори, производството во пролетниот период пристигнува за 15 – 30 дена порано во однос на тоа што е на отворено. Покрај за ранопролетно производство, пластениците особено се користат и за есенско производство. Култивациони простори – заштитени простори технички опремени за целосно затоплување во зимскиот период. Покрај сончевата енергија, за затоплување се користат и други извори на топлина (геотермални води, мазут, нафта, цврсти горива и електрична енергија). Според степенот на техниката и технолошко-производната функционалност има повеќе типови: Современо оранжериско производствоботните услови во однос на физиТопли леи – најстари заштитени простори во кои се произведува главно расад. По формата се еднокрилни и двокрилни, а по поставеноста надземни и вкопани. широки се 1,5 м, долги 12–20 м. Традиционално се затоплуваат со биотоливо (свежо арско ѓубре). Покриени се со стаклени рамки или со проѕирна фолија. Стакленици (оранжерии) – едни од најусовршените заштитени простори. Опремени се со соодветна инсталација за регулирање на микроклимата, режимот на исхраната, наводнувањето и др. Наменети се за целосен производен процес на зеленчук и на цвеќе. Според конструкцијата, формата и големината, оранжериите можат да бидат: единечни (еднокрилни и двокрилни), надземни, вкопани, специјализирани и универзални блокови. Последниве се најраширени во светот и кај нас. Во нив може целогодишно да се одгледуваат различни видови култури. Хидропони – стакленици. Одгледувањето на растенијата во нив е во беспочвена средина, во воден раствор или во инертни супстрати (камена волна, перлит, зеолит, тресет). Физиолошкиот (хранителниот) раствор се приготвува во базени, по определена рецептура, зависно од видот, а се аплицира по системот капка по капка. Пласмасови оранжерии – еден вид стационирани пластеници, технички опремени како стаклениците и целосно затоплувани. Служат за целогодишно производство на зеленчук и на цвеќе. Д. Ј.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *