ЗАШТИТА НА КОПНЕНИТЕ ЕКОСИСТЕМИ

ЗАШТИТА НА КОПНЕНИТЕ ЕКОСИСТЕМИ. Во Македонија овие процеси се започнати веднаш по Ослободувањето. За да се заштитат копнените екосистеми, формирани се три национални парка: прво е формиран Националниот парк „Пелистер” (1948), каде што е заштитена моликата, потоа Националниот парк „Маврово” (1949), кој е најголем, каде што се заштитени смрчевите, еловите, буковите, буково-еловите и дабовите шуми, а од 1958 г. е формиран Националниот парк „Галичица”, каде што се заштитени дабовите, буковите и буково-еловите шуми. Во нив влегуваат и локациите со значајни рефугиуми што се богати со зачувани реликтни видови. Паралелно со овие активности, со шумскостопанските основи, кои ги изработуваат шумските стопанства, Републиката определи норми за рационално користење на шумскиот фонд со цел да се поддржува продуктивната моќ на шумите во Македонија. Во 1949 г. се уништени и козите како мерка за заштита на шумите. Љ. Гр.