ЗАРЕВСКИ, Бранко

ЗАРЕВСКИ, Бранко (Битола, 19. XI 1920 – Скопје, 4. Ⅴ 1979) – најистакнат претставник на првата генерација македонски новинари. Основач, главен и одговорен уредник на „Единство”, орган на НОФ на Скопје (1946). Од 1949 г. до смртта, во НИП „Нова Македонија” како: уредник на Внатрешно-политичката и на Културната рубрика, основач и главен уредник на неделните весници „Вечер” и „Вечерен репортер” и на ревијата „Журнал”, раководител на Заедницата за издавачка дејност. Најсестран македонски новинар што успешно ги негувал сите новинарски родови. Во помладите години пишувал поезија. Бил бунтовник, репресиран и прогонуван од српската и бугарската полиција. Во песната „Кадро од животта” (1940) во загрепското списание „Изрази” говори за тегобите на македонскиот работник во услови на двојна потиснатост – експлоатација и великосрпски хегемонизам, а во „Нејкиме соништа”, објавена на македонски јазик во скопскиот весник „Наша реч” (1940), го истакнува императивот од ангажиран однос на печатот, „чие место е во вителот на железната далга на животот и револуционерната борба”. Најголем дел од неговата надежна поезија не е зачувана, а преостанатиот дел е објавен во „Современост” (1979), посмртно. Учесник во НОБ (1942) во Србија, каде што е протеран од Бугарите. Член на ДПМ. ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Македонскиот стих 1900–1944, Истражувања и материјали, И, Скопје, 1980, 320–345. Б. П. Ѓ.