ЗАПАДНОСЛОВЕНСКИ ЈАЗИЦИ

ЗАПАДНОСЛОВЕНСКИ ЈАЗИЦИ -. гранка од словенското јазично семејство. Предците на денешните носители на западнословенските јазици по распаѓањето на прасловенската јазична заедница тргнале на северозапад од претпоставената прататковина и ја зазеле територијата по реките Одра и Лаба (герм. Елбе). Оваа територија низ вековите се намалила поради германската експанзија кон исток. За еден од западнословенските дијалектни комплекси, полапскиот (меѓу Одра и Лаба до Балтикот), денес учиме само од топонимите и од старите споменици од ⅩⅤⅠⅠⅠ в. Јазикот изумрел бидејќи неговите носители биле комплетно германизирани. Драстично е намалена и територијата на долно и горнолужичките дијалекти јужно од старата полапска територија. Денес Лужичаните живеат во мала, не многу компактна енклава во Источна Германија. Од друга страна, токму на западнословенска територија најрано се формирале два словенски стандардни јазика со најдолга писмена традиција – чешкиот (ⅩⅠⅠⅠ в.) и полскиот (ⅩⅣ в.). Денес западнословенската јазична заедница брои четири стандардни јазици: полски, чешки, словачки и (горно)лужички. Се прават обиди за кодификација и имплементација на кашупски стандард, но поради големата дијалектна диференцијација на кашупската територија (во северозападна Полска до Балтикот) тие процеси наидуваат на многу пречки. Исто така, не е дооформен русинскиот стандард, т.е. стандардна варијанта на група дијалекти со источнословачка основа врз која се наслоил украински дијалектен јазик. ЛИТ.: С. Ившиќ, Словенска поредбена граматика, Загреб 1970; Р. Нахтигал, Словенски језики, Лјублјана, 1952; З. Стиебер, Зарѕс граматѕки поршњнањцзеј ј&зѕкшњ сљоњиавскицх, Њарсзања, 1989; А. Ваиллант, Граммаире цомпарéе дес лангуес славес, И–ИВ, Парис 1950–1974. З. Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *