ЗАНКОВ, Георги

ЗАНКОВ, Георги (Самоков, Бугарија, 25. Ⅰ 1886 – Софија, 12. Ⅶ 1949) – деец на македонското револуционерно движење. Завршил гимназија во Софија (1904), стапил во МРО и бил војвода во Серскиот револуционерен округ. Учествувал во Балканските војни, бил пратеник во Бугарското народното собрание (1914–1918). По Првата светска војна бил помошник-кмет на Софија и претседател на Друштвото „Илинден”, претседател на Илинденската организација (1923–1924). Преку гласилата „Илинден” и „Пирин” водел самостојна политика, дошол во судир со ВМРО на Т. Александров. По горноџумајските убиства (1924) емигрирал во Виена, каде што учествувал во создавањето на ВМРО(Об) и бил избран за член на ЦК (1925). Учествувал на Цариградската конференција (1929) на ВМРО (Об) на која бил исклучен од Организацијата. Во 1931 г. се вратил во Бугарија, каде што живеел до својата смрт. ЛИТ.: Борис Ј. Николов, Вътрешна македоно-одринска револяционна организация. Войводи и ръководители (1893–1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001; Алманах на българските национални движения след 1878 г., София, 2005. З. Тод.