ЗАДРУГАРСТВОТО ВО НАРОДНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ЗАДРУГАРСТВОТО ВО НАРОДНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (1945–1955). Со изградбата на новите социјалистички општествени односи по завршувањето на војната во текот на 1945 г., императивно се наметнало прашањето за социјалистичка преобразба на селото. По примерот на неаграрните стопански сектори и посебно на индустријата, преобразбата подразбирала поопштествување на земјишната сопственост. Ситните индивидуални стопанства требало да се обединат во крупни социјалистички стопанства. До крајот на 1945 г. во Македонија биле формирани вкупно 625 разни задруги (општи, набавно-продажни, занаетчиско-производствени, кредитни и сл.). Во почетокот на 1946 г. била донесена посебена Уредба за селските работни задруги (СРЗ). По судирот со Советскиот Сојуз во годините на Информбирото, дека „во Југославија не постои национализација на земјата”, државната и партиската власт уште позасилено продолжиле да го форсираат процесот на создавање на СРЗ, кои меѓу населението биле познати како задруги или кооперации. До средината на 1951 г. биле формирани вкупно 981 СРЗ, кои опфаќале околу 48% од вкупната обработлива земјоделска површина. Најмалку СРЗ биле формирани во западниот дел на Македонија, а посебно во Гостиварската, Тетовската, Дебарската и Кичевската околија, каде што преовладувало албанското население, како и во местата населени со турско муслиманско население. Државната власт се покажала неспособна да ги принуди припадниците на албанското и турското население да влезат во СРЗ. Во СРЗ влегле само 4,8% од вкупниот број албански домаќинства и 12,5% од вкупниот број турски домаќинства. Во СРЗ селаните требало да ги обединат земјата, добитокот и земјоделскиот инвентар и да продолжат со заедничко производство. Организационо, задругите биле обединувани во околиски и во реонски кооперативни сојузи. Крупните слабости во работата на задругите, како и воопшто на процесот на задругарството, дошле до најсилен израз уште на самиот почеток. Доброволното влегување во СРЗ било многу ретка појава. Во најголемиот број случаи селаните со сила биле принудувани да влегуваат во задругите. Влегувањето во задругите селаните го чувствувале како експропријација на нивниот имот. Задругите не располагале со стручен кадар и целосно оскудевале со финансиски средства. Недомаќинскиот однос кон заедничкиот имот, би-дејќи селаните не го чувствувале како своја сопственост, претставувал општораширена појава. Насекаде се прошириле кражбите, прикривањата и проневерите, додека формите на отпор против власта, таму каде што наложувала да се засејуваат индустриски култури наместо житни растенија, кои им биле неопходни на селаните за прехрана, во некои места прераснувале во вистински бунтови и биле задушувани со примена на сила. Принципот „од секого според можностите, секому според потребите” се покажал наполно неостварлив. Освен во некои рамничарски места, каде што имотите биле окрупнувани, огромниот дел од имотите на СРЗ и натаму останале расцепкани на ситни парцели и обработувани со истите наједноставни земјоделски орудија со кои и дотогаш биле об-Прилепски задругарки нижат тутун работувани. Во текот на 1950–1952 г. зачестило самоволното истапување на селаните од задругите, додека со мерките донесени во текот на 1953 г. за реорганизација на СРЗ и приложување на принципот за доброволно влегување и излегување од задругите бил оз-начен почетокот на крајот на задругарството во НРМ. ИЗВ.: Д-р Виолета Ачкоска, Задругарството и аграрната политика 1945–1955 година, Скопје, 1994; Аграрно-сопственичките односи, промени и процеси во Македонија 1944–1953, Скопје, 1998; Д-р Лазар Лазаров, Општествено-економскиот развој на НР Македонија во периодот на обновата и индустријализацијата (1944–1957), Скопје, 1988. Р. Х.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *