ЗАДГРАНИЧНО ПРЕТСТАВНИШТВО НА ТМОРО

ЗАДГРАНИЧНО ПРЕТСТАВНИШТВО НА ТМОРО (Софија, 1896-1908) – претставништво отворено со решение на Конгресот на Македонската револуционерна организација во Солун (1896), со функција на претставништво за надворешни односи на Централниот комитет. Потребата од такво претставништво уште во првите години од дејствувањето на Оганизацијата се наметнала од повеќе причини: за обезбедување материјални средства (револуционерна литература и оружје) од многубројната македонска емиграција; за парирање на претензиите на Бугарија да се наметне како застапник на интересите на Македонија, претставувана како бугарска земја, а Врховниот македонски комитет во Софија како претставник на бугарска организација во Македонија; ЦК да се легитимира како единствен легален претставник на македонскиот народ, на неговата борба за ослободување и за создавање македонска држава. Во времето непосредно пред Илинденското востание неофицијализирани задгранични претставништва, односно претставници, Организацијата имала уште во Цариград и во Атина. Пред крајот на Илинденското востание имало иницијатива за задгранично претставништво во Србија, (во Бел-град), а по Востанието и во швајцарија (Женева). Овие две претставништва не биле отворени. ЛИТ.: Александар Христов, Создавањето на Задграничното (дипломатско) претставништво на ВМРО. Создавањето на македонската држава 1878-1978, Скопје, 1985; Љубен Лапе, Местото и улогата на Задграничното претставништво на Тајната македонско-одринска револуционерна организација од основањето до Младотурската револуција, Прилози за Илинден, В, Битола-Крушево, 1983; Димитар Димески, Задграничното претставништво на ТМРО (1896-1903), зб. Сто години од основањето на ВМРО и 90 години од Илинденското востание, Скопје, 1994. М. Мин.