ЗАГРОЗЕНИ или ЗАСЕГНАТИ ВИДОВИ ЖИВОТНИ

ЗАГРОЗЕНИ или ЗАСЕГНАТИ ВИДОВИ ЖИВОТНИ – во зависност од бројноста и од статусот на нивните популации во природниот ареал на распространување, вклучени се во една од категориите на Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН): критично загрозени, загрозени или ранливи. Причините за исчезнувањето на видовите, како и за намалувањето на нивните популации се поврзани со човечките активности, но постојат и глобални фактори, како што се климатските промени, сукцесиите на екосистемите (особено на водните и шумските), промените во озонската обвивка, некои габни пандемии и др. Македонија сè уште нема изработено Национална црвена листа и Црвена книга на засегнати видови животни. Од тие причини, во „Студијата за состојбата со биолошката разновидност во Република Македонија” и во „Стратегија и акционен план за заштита на биолошката разновидност на Република Македонија”, степенот на загрозеност на фаунистичките видови од ’рбетниците е дефиниран според европската црвена листа на ’рбетници. Од вкупно 506 вида ’рбетници регистрирани во нашата фауна, 113 вида (30 риби, еден влекач, 66 птици и 16 цицачи) се вклучени во категоријата на загрозени видови, што претставува 22,3%. Како најзагрозена група животни се издвојуваат рибите, каде што од вкупно 58 автохтони вида, 30 се вклучени во категоријата на загрозени, или 51,7% од целокупната ихтиофауна. Со изработка на Националната црвена листа, бројот на загрозените видови ќе биде делумно изменет и проширен, со вклучување и на други засегнати видови што кај нас не се опфатени со Европската црвена листа. Тука се мисли, пред сè, на одделни ендемични таксони на национално и регионално ниво, како и на видови чии дистрибутивни ареали завршуваат во Македонија. Граничните популации на овие видови се крајно редуцирани и сензитивни на какви било еколошки промени во нивните природни живеалишта, поради што како императив се наметнува нивната заштита. ЛИТ.: С. Петковски, Фаунал диверситѕ, во: Цоунтрѕ Студѕ фор Биодиверситѕ оф тхе Републиц оф Мацедониа (Фирст Натионал Репорт), Министрѕ оф Енвиронмент анд Пхисицал Планнинг, Скопје, 2003; Еуропеан Ред Лист оф Вертебратес. А јоинт пројецт бетњеен тхе Цоунцил оф Еуропе анд тхе Еуропеан Енвиронмент Агенцѕ, Тхе Еуропеан Топиц Центре он Натуре Протецтион анд Биодиверситѕ, Парис, 2002; Ј. Е. М. Баиллие, Ц. Хилтон-Таѕлор, анд С. Н. Стуарт (Едиторс), 2004 ИУЦН Ред Лист оф Тхреатенед Специес. А Глобал Специес Ассессмент, Гланд–Цамбридге, 2004. Св. П. – В. Сид.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *