ЖИНЗИФОВ, Рајко

ЖИНЗИФОВ, Рајко (Ксенофон) Јованов (Велес, 15. Ⅱ 1839 – Москва, 15. Ⅱ 1877) – македонски поет од кругот на учениците на Миладинов. Води потекло од влашки доселеници од Албанија и Јужна Македонија во Велес (татко му е од Москополе, а мајка му од Негуш). Се адаптира во македонословенска средина и уште како млад станува учител низ Македонија, ширејќи образование и просвета на народен јазик. Како помошник-учител на Димитрија Миладинов учителствувал во Прилеп и во Кукуш и со негова помош заминал во Русија на студии. Се школувал во Одеса (духовна семинарија), каде што се запознал со првенецот на бугарската преродба Георги Сава Раковски. Под негова сугестија си го променил (пословенил) името од Ксенофон во Рајко. Во Москва завршува историско-филозофски факултет и останува да работи како професор по грчки јазик во средни училишта. Развива богата публицистичка дејност на руски јазик, објавувајќи во текот на 1863 г. стихозбирка со песни на еден своевиден македонско-бугарски јазик и препеви од руски, украински и од чешки јазик. Заговорник е за создавање заеднички македонско-бугарски јазик и во непосредната своја литературна практика (во поезијата и препевот) ги демонстрира тие идеи, додека публицистиката ја остварува на руски јазик. Се наоѓал под силно директно влијание на основоположникот на новата украинска литература Тарас шевченко, чии стихови континуирано ги преведувал. Одделни книги поезија објавува во Русија (Москва) и во Романија (Браила). Во Москва се движи главно во словенофилските кругови. Мошне близок е со семејствата на браќата Аксакови, па со нивна помош го започнал издавањето и уредувањето на списанието „Братски труд” (заедно со Константин Миладинов и со бугарските литерати Љубен Каравелов, Нешо Бончев и Најден Геров). На страниците на ова списание печати свои поетски и прозни творби и преводи, меѓу кои и расказот „Прошедба”. Во „Брат-ски труд” ги објавува и своите препеви од поезијата на Тарас шевченко. Тешко успевал да си ја регулира егзистенцијата, водејќи самотнички живот, најчесто како зависник на алкохолот, опседнат со илузијата дека ќе му успее да се врати во татковината. Ваквата лична трагика ќе проговори на исповеден начин во неговата импулсивна лирика, во која пулсираат носталгични тонови и мрачни расположби. Во текот на 1866 година престојува кратко време во Македонија, оставајќи живи сведоштва во својата публицистика. Набргу се враќа во Русија, примајќи руско државјанство, но постојано преокупиран со размисли и грижи за татковината. Во текот на 1867 (мај) земал учество на Сесловенскиот конгрес во Москва, каде што настапува со еуфорична реч и рецитации на свои стихови. Во текот на 1870 г. присуствува во Браила (Романија) на годишното собрание на Бугарското книжовно друштво, со чија помош таму ја објавува својата поема „Крвава кошула”. Зближен со аниматорите на словенофилството во Русија (браќата Аксакови, П. И. Бартенев, Нил А. Попов и др.), соработува со публицистички трудови во нивните списанија („Ден”, „Современаја летопис”, „Москва”). Во оваа периодика ја објавува и својата позната биографија за браќата Миладиновци, публикувана непосредно по нивната погибел во цариградските зандани. Создава богат публицистички опус на руски јазик, проникнат главно со идеите на словенофилството. Непосредно пред големата Руско-турска војна (1877/78) за потребите на руската армија подготвува „Патеводител” низ Македонија и краток македонско-руски речник. Ги препева на македонски јазик прочуените во тоа време творби – „Слово за походот Игорев” (древен ракопис) и „Кралевдворскиот ракопис” од Вацлав Ханка, како и превод на руски јазик на „Орфеевата песна”, наводно пронајдена во Македонија од Стефан Верковиќ, за чија автентичност се залагал пред руската јавност. Неговите стихотворби ја откриваат вознемирената душа на млад и сиромашен студент од Македонија, кого судбината го фрлила на неизвесностите на емигрантскиот живот во Русија. Во тешките мигови на таквата животна авантура авторот низ исповедни тонови ги довикува спомените од недалечното детство, па преку носталгични звуци и преку горчината на престрогите самообвинувања го осудува мигот на самоизмамата. Притисната во менгемето на еден хаотичен јазичен експеримент, оваа поетска реч страда очевидно од недостиг на стилско совршенство и изворна чистота на лирската непосредност, но успева да воспостави жив допир и со современиот македонски читател, чиј интерес кон своето е непореклив, неразнишан и постојан. БИБ.: Новобългарска сбирка, Москва, 1863; Кървава кошула, поема, Браила, 1870; Публицистика, И-Ⅱ, София, 1964; Одбрани творби. Приредил Гане Тодоровски, Скопје, 1981. ЛИТ.: Иван Доровский, Райко Жинзифов. Воздействие русской и украинской литературÎ на его творчество. Брно, 1988; Гане Тодоровски, Поетот на македонските неволи – нафрлоци кон стогодишнината од смртта на Рајко Жинзифов. Предговор кон Одбрани творби од Рајко Жинзифов, Скопје, 1981, 9–27 – Белешки (Македонската литературна наука за Жинзифов, Хронологија на животот и делото на Рајко Жинзифов, Библиографија на поважните творби на Рајко Жинзифов, Поважна литература за Рајко Жинзифов), 625-654. Г. Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *