ЖИВКОВИЌ, Хаџи Никола

ЖИВКОВИЌ, Хаџи Никола (Воден, 1792 – Белград, 1870) – протомајстор. Дворски архитект во Србија, во времето на кнез Милош познат како Хаџи-Неимар. Според неговите проекти или под негово раководство е изграден Конакот на кнез Милош во Крагуевац (1824); Конакот на кнегиња Љубица во Белград (1829–1831); Кнежевиот двор на улица „Милош Велики” (1829–1836), урнат во Втората светска војна; Ѓумрукана – царинарница, касарна и женска школа, сите во Белград, урнати во Втората светска војна. Едно од најзначајните остварувања е Конакот на кнез Милош на Топчидер. ЛИТ.: Б. Којић, Стара градска и сеоска архитектура у Србији, Београд, 1940; И. Здравковић, Градитељи најзначајнијих зграда у старом Београду, Саопштења, Ⅷ, Београд, 1969; К. Томовски, Македонските мајстори градители во деветнаесеттиот век, Скопје, 2006. Кр. Т.