ЖЕЛЕЗНОТО ВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА

ЖЕЛЕЗНОТО ВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА – последната (протоисториска) етапа од праисторискиот развој на Македонија. Временски ја покрива, главно, првата половина од Ⅰ милениум пр.н.е. Се дели на: рано железно време (крај на XI / почеток на Ⅹ до Ⅷ в.), средно или полно железно време (Ⅷ– Ⅵ в.) и доцно железно време или доцноархајски период (крај на Ⅵ до средина наⅤв.пр.н.е.). Најголемиот број податоци доаѓаат од истражувањата, главно, на некрополите од тоа време, со кои се документира единствениот ритуал на погребување со испружена инхумација во рамни или тумуларни некрополи, за сите заедници во Македонија во железното време. Раното железно време е период на востановување на железновременските културни вредности, врз основа на домашната бронзеновременска традиција, но и со изразени влијанија од т.н. халштатска култура од северозапад, по деструктивните и миграциони процеси во текот на претходниот т.н. преоден период. Позначајни наоѓалишта од тоа време се некрополите во: Војник–Куманово, Висои–Беранци, Сарај–Брод, Орлови Чуки–Стар Караорман итн. Полното железно време е период на потполн развој на локалните културни вредности во рамките на 4 регионални групи: Охридскопреспанска, Пелагониска, Долновардарска (Гевгелиска) и Горно и Средновардарска група (Скопско, Велешко и Штипско). Најзначајни наоѓалишта се некрополите во: Волково, Бучинци и Орешани (Скопско); Бел Брег, кај Куманово; Сопот и Оризари (Велешко); Радање, кај Штип, Кршла, кај Виница; Дедели и Марвинци (Валандовско); Сува Река и Милци (Гевгелиско), Беранци, Брод и Рапеш (Битолско). Доцното железно време е период на формирање на единствената, т.н. пајонско-македонска култура, со доцноархајски белези и со подем на локалната племенска аристократија, со т.н. кнежевски погребувања. Најзначајни наоѓалишта од тоа време се некрополата во Требеништа кај Охрид, Радолишта кај Струга, Беранци кај Битола, Зелениште кај Наоди од некрополата Војник, Кумановско Валандово, Горно Поле кај Штип и др. За време на владеењето на Александар Ⅰ со Долномакедонското Кралство, а особено при владеењето на Пердика Ⅱ, Македонија излегувала од својот протоисториски развој и најдиректно се вклучувала во натамошниот историски тек на настаните во рамките на раноантичкиот свет. ЛИТ.: Р.Васиц, Гвоздено доба Македоније, Праисторија југословенских земалја, В, Сарајево, 1987; Д. Митревски, Протоисториските заедници во Македонија, Скопје, 1997; Д. Митревски, Прехисторѕ ин Републиц оф Мацедониа, Тессалоники, 2003. Др. М.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *