ЕСНАФИ

ЕСНАФИ – социјално-економски и професионално-сталешки организации и здруженија на занаетчиските производители, кои постоеле уште во античкиот период кај старите Египќани, Македонци, Евреи, Ерменци, Грци и Римјани, како колегии (коллегиа опифицум); во средниот век и во Византија како цехови (гилди, здруженија). Во поновиот период се развиени и во Османлиската Империја (до 70–80-тите години на ⅩⅠⅩ в.). Во средината на ⅩⅩ в. биле познати како еснафи и занаетчиски здруженија. На почетокот се лоцирале во стоковосопственичките занаетчиски, пазарни и трговски центри и латифундии, подоцна во феудалните имоти, тврдини и замоци, а во поновиот период во селата и во градовите. По доаѓањето на Турците османлии на Балканот и во Македонија, нагло се развиле и се организирале, најмногу поради стопанските и воените потреби на државата. Според условите, биле управувани од лонџите (управите) и биле составени од производни членови и од управни органи. Во производството работеле чираци, калфи, мајстори и во определени периоди наемни работници, а во управата устабашијата (првомајсторот), кетхудата, игитбашијата и чаушот. Располагале со парични средства и фондови (еснафска каса); имале свои статути, судови, печати и бајраци; одржувале тестири (за полагање и унапредување на чираците во калфи, а потоа од калфи во мајстори) и годишни собранија на лонџите, а одржувале и верски имендени на светците, еснафски прослави, обичаи и традиции. Меѓу поважните еснафски, занаетчиски, пазарни, трговски и панаѓурски центри во Македонија се истакнувале: Солун, Серез, Битола, Драма, Кавала, Прилеп, Скопје, Костур, Охрид, Струга, Велес, Кожани, Воден, Неврокоп, Меглен. ЛИТ.: Д. Зографски, Прилепскиот панаѓур во минатото, Годишник на Правноекономскиот факултет, Ⅱ, Скопје, 1955, 96-135; Ј. Јанев, Историските и социјално-економските аспекти на еснафската организација во Македонија во времето на турското владеење, Скопје, 2001, 1-271. Ј. Јан. Обична еспарзета

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *