ЕМ, Ханс

ЕМ, Ханс (Марибор, 6. Ⅵ 1898 – Скопје, 9. Ⅶ 1992) – редовен професор на шумарскиот факултет во Скопје, специјалист од областа одгледување на шумите и за предметите дендрологија и фитоценологија. Дипломирал на Високата школа за култура на земјиштето во Виена (1923). Службувал во шумарските оперативи на подрачја од Србија, Косово, Црна Гора и од Македонија. Во Банската управа и Дирекцијата за шуми во Скопје работел на воведувањето смоларење во боровите шуми во Македонија и на преработка на смолата. Назначен е за прв директор на шумарскиот институт во Скопје (1944). Бил професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (1947– 1968) и негов декан (1953/54). Член е на Научниот совет за изработка на вегетациска карта на Југославија. Редовен член на МАНУ. Еминентен шумарски стручњак на меѓународен план. Прв научник и проучувач е на дендрофлората и шумските заедници во Македонија. Публикувал „Преглед на дендрофлората на Македонија” (1967). Изготвил прва скрипта за фитоценологија, го формирал и го раководел арборетумот во Трубарево, еден од најбогатите на просторот од Југославија. Открил нови дрвни и растителни видови за македонската и светската дендрофлора. Публикувал бројни трудови во домашни и во странски списанија. Ал. Анд.