ЕМБАРГО КОН РМ

ЕМБАРГО КОН РМ. Во рамките на генералниот притисок на РГ врз Република Македонијаза откажување од сопственото име во првата половина од 90-тите години на ⅩⅩ в. РГ во два наврата става забрана на увоз на стоки во Република Македонијаод пристаништето во Солун. На 21. Ⅷ 1992 г. е воведена првата забрана на товарењето и испораката на нафтата за Република Македонијашто продолжува и во следниот месец. По запознавањето на ООН и ЕЗ со противправниот акт, од страна на институциите во РМ, со барање за меѓународна интервенција за симнување на грчкото ембарго на нафта кон Македонија, на 18. IX 1992 г. стапува во сила Упатството на ЕЗ за испорака на нафта за Македонија од Солунското пристаниште, според кое во документите треба да се употребува назнаката „ПЈРМ”. Под тој услов на 22. IX 1992 г. РГ ја прекинува забраната. Второто ембарго се случува по признавањето на Република Македонијаод САД (8. Ⅱ 1994). На 16. Ⅱ 1994 г. Владата на Андреас Папандреу, по само неколкумесечни преговори со Владата на РМ, во времето на грчкото претседавање со Советот на минис-трите на ЕУ, става потполна забрана на увозот на сите производи, освен оние за хуманитарна намена, со истовремено затворање на конзулатот во Скопје. По потпишувањето на Привремената согласност (13. IX 1995) на 15. Ⅹ 1995 г. РГ го симнува општото ембарго кон РМ. ЛИТ.: Јован Теговски, Политички и договорни односи меѓу Република Македонијаи ЕУ: развој и перспективи до членство, преглед на трудови, Континуирано образование за европски прашања: основање на Тренинг центар за европска интеграција, Скопје, 2006; Ахил Тунте, Република Македонија – прва декада (1990– 2000), Скопје, 2005. Т. Петр.