ЕКОНОМСКИ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ

ЕКОНОМСКИ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ (14. XI 1950) – редоследно петти факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, основан со Уредба на Владата на НРМ „со цел теоретски да се изградуваат и практично да се подготвуваат висококвалификувани економски кадри”. По првата учебна година бил преименуван во Правно-економски факултет со два отсека – Правен и Економски (3. XI 1951). По пет години сепак бил разделен на два самостојни факултета – Правен факултет и Економски факултет (1. Ⅶ 1956). Тој е највисоката и најафирмираната наставно-научна установа во Република Македонијаод областа на економските науки, кој постојано ја проширува и ја збогатува својата дејност. На него првпат на просторите на СФРЈ биле воведени постдипломски студии од областа на монетарно-кредитните проблеми (1961/62), а потоа и од областа на економиката на претпријатијата (1966/67), од областа на маркетингот и од областа на економскиот развој со методи на економската анализа (1972/73). Според наставниот план, почнувајќи од учебната 1998/99 г. има отсеци за менаџмент, за екосиски менаџмент, за сметководство и ревизија и за надворешна трговија. На него дипломирале над 12.000 економисти. Сега на него работат 47 доктори на науки и 13 магистри на науки, со 3.823 (2.140 редовни и 1.683 вонредни) студенти. Организира редовни постдипломски студии од областа на монетарната економија, економскиот развој со методи на економска анализа, бизнис-економија, маркетинг, надворешен про-мет и менаџмент, како и специјалистички студии од областа на планирањето и раководењето на инвестиционите проекти, преструктурирањето на стопанството (малите и средните претпријатија), менаџментот, надворешната трговија и маркетингот. На него се одбранети над 420 магистерски теми и над 105 докторски дисертации. Соработниците реализирале над 130 домашни и меѓународни проекти од фундаментален, развоен и применувачки карактер од областа на макроекономската политика, од стратегијата на општествено-економскиот развој, економските односи на земјата со странство, менаџментот, маркетингот, економиката на претпријатијата, сметководството и деловните финансии, трансформацијата на претпријатијата со општествен капитал, пазарот и цените, финансиите и банкарството. Развива и богата издавачка дејност. Освен својот „Годишник”, има објавено над 80 студии, учебници и учебни помагала. Има богата соработка со разни универзитети, организации и институции во земјата и во светот. Дава значајна поддршка и на активностите на Студентската организација. Во рамките на Факултетот работи и Европскиот документационен центар (огранок на Центарот за европска документација од Брисел). ИЗВ.: 50 години Економски факултет – Скопје, Скопје, 2000; Извештаи за самоевалуација на Економскиот факултет во Скопје. С. Мл.