ЕКОНОМСКИ ИНСТИТУТ СКОПЈЕ

ЕКОНОМСКИ ИНСТИТУТ СКОПЈЕ .– основан од Владата на НРМ, со Уредба бр. 704 од 30. Ⅵ 1952 г., како самостојна научноистражувачка институција при Советот на Владата. Институтот извршува научноистражувачка и образовна дејност. Истражувачката дејност е од областа на економската теорија, развојната и апликативната економија. Поголемиот дел од научноистражувачките активности се објавуваат во посебни книги, списанија, годишен зборник и сл., а дел се објавуваат во интерни изданија (проекти, студии, анализи, елаборати и сл.). Образовната дејност се остварува преку организирање постдипломски студии од областа на меѓународната економија, финансискиот менаџмент, аграрната економија, претприемништвото и од областа на меѓународниот менаџмент. Исто така, Економскиот институт организира и одбрана на докторски дисертации од областа на економијата. Во текот на своето досегашно работење тој остварува плодна соработка со бројни институции од земјата и од странство. Својата научноистражувачка и образовна дејност ја остварува со сопствени кадри, како и со ангажирање надворешни соработници преку разни форми. За својата успешна долгогодишна работа, добитник е на повеќе награди и признанија. ИЗВ.: Интернет и документација на Економскиот институт – Скопје. М. С.