ЕКОНОМСКА НЕЕДНАКВОСТ

ЕКОНОМСКА НЕЕДНАКВОСТ – диспаритети во дистрибуцијата на доходот меѓу поединците и групите во општеството. Нееднаквоста обично претставува дел од пошироката анализа на сиромаштијата и благосостојбата. Општоприфатено мерило на нееднаквоста е Џини коефициентот, кој се пресметува врз основа на Лоренцовата крива, која е визуелно мерило на нееднаквоста и го покажува процентот од доходот присвоен од страна на најсиромашните % од населението. Колку е поголема површината меѓу линијата на совршената еднаквост (дијагоналата) и Лоренцовата крива, толку е поголема нееднаквоста во дистрибуцијата на доходот меѓу населението. Џини коефициентот претставува однос меѓу површината што ја затвораат дијагоналата и Лоренцовата крива и вкупната површина под дијагоналата, в. Графикон. Македонија спаѓа во редот на земјите со умерено ниво на нееднаквост во дистрибуцијата на доходот. Џини коефициентот, кој во преттранзициониот период изнесуваше 22, денес изнесува 35, и е релативно стабилен. Неговиот пораст е резултат, главно, на јакнењето на приватниот сектор, каде што нееднаквоста е значително поизразена. Според нобеловецот Сајмон Кузнец (Симон Кузнетс), нивото на економската нееднаквост е резултат на фазата на економскиот развој (Кузнецова крива), што практично значи дека земјите со ниско ниво на економски развој обично се карактеризираат со релативно рамномерна дистрибуција на остварениот доход. Таков е примерот и со Република Македонија. Анкета за потрошувачката на домаќинствата во Република Македонија 2004, 4.4.5.01, 2005. Д. Е. Публикација за 50-годишнината на Економскиот институт, Скопје