ДУМА, Христо Александаров

ДУМА, Христо Александаров (Битола, 28. XI 1919) – педијатар, генетичар, редовен проф. на Мед. ф. во Скопје. Дипломирал на Мед. ф. во Белград (1946), каде што завршил специјализација по педијатрија (1953). Престојувал во Париз (1953-54), а хабилитирал во 1957 г. Бил шеф на Катедрата по педијатрија и директор на Клиниката за детски болести (1962-1975). Продекан (1960-1963) и декан на Мед. ф. во Скопје (1969-1971). Ги унапредил неврофизиологијата и имунохематологијата, вовел истражувачки респираторни техники и ја диференцирал педијатриската радиологија. Врвен стручњак е за генетските заболувања во детската возраст и еден е од пионерите во воведувањето на современите достигнувања на генетиката во медицинската практика кај нас. Формирал и организирал цитогенетска и хемоглобинолошка лабораторија. На постдипломските студии го водел предметот молекуларна биологија со хумана генетика и цитогенетика (1989). Публикувал над 130 трудови, од кои значаен дел се однесуваат за хемоглобините и хемоглобинопатиите; скрипти: „Педијатрија 1” и „Педијатрија 2” и „Педијатриска пропедевтика”. БИБ.: Генетски и цитолошки информации, молекуларни основи на нивното наследување и експресија, Скопје, 1985; со соработници: Педијатрија, Скопје, 1965; Практикум по педијатриска пропедевтика, Скопје, 1967. ЛИТ.: 40 години Медицински факултет, Скопје, 1987; Артефицес Медицинае Мацедоници, Скопје, 2001. К. К.–П.