ДРУШТВА НА ЛИКОВНИТЕ УМЕТНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА

ДРУШТВА НА ЛИКОВНИТЕ УМЕТНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА -. струковни асоцијации на ликовните уметници. Здружувањето на ликовните уметници во Македонија започнало со формирањето на Друштвото на југословенските ликовни уметници од подрачјето на Вардарска Бановина (Скопје, 1929). Потоа кон него се приклучило и новоформираното друштво „Јефимија“ (1930), кое подоцна ја презело и изложбената дејност на ДЈЛУ (1933-1941). Тогаш дејствувале и излагале низа познати ликовни творци, како Димитар Андонов, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Василие Поповиќ-Цицо, Михајло шојлев и др. По Ослободувањето, пак, прво Друштво на македонските ликовни уметници било формирано во Прилеп (1944), а Управата ја сочинувале: Здравко Блажиќ, Томо Владимирски, Никола Мартиноски, Василие Поповиќ-Цицо и Димо Тодоровски. Токму тие ја покренале и иницијативата за обединето дејствување на ликовните уметници во Македонија, за отворање на Уметничко училиште (1945, со прв директор Никола Мартиноски), а ја организирале и првата заедничка изложба на Друштвото во Скопје (1945), на која, покрај членовите на Управата, учествувале и Катја Ефтимова, Димче Коцо, Борка Лазески, Ристо Лозановски, Димче Протуѓер и др. Наскоро потоа било формирано и Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ, Скопје, 24. Ⅱ 1946). Прв и долгогодишен претседател бил Никола Мартиноски, а секретар Василие Поповиќ-Цицо. Веднаш по основањето ја организирало и првата заедничка изложба на членовите. Наскоро станало дел од Сојузот на ликовните уметници на Југославија (СЛУЈ, 1947), а неговите членови учествувале на заедничката изложба на уметниците од ФНРЈ (1949), главно со реал-социјалистички дух. Но наскоро, и Македонија ја зафатило влијанието на модерната уметност, особено по изложбите на француската, американската и холандската уметност во Скопје (1953) и изложбата на Х. Мур. Тогаш и ДЛУМ организирало патувачки изложби низ Југославија, а веќе наоѓа во непосредна близина на Круголисна дрозера редовно учествувале и на изложбите на СЛУЈ. Наскоро потоа следеле и македонски изложби во странство. Биле изградени нови ателјеа и бил отворен Уметнички павилјон во Скопје, со организирани изложби од домашни автори и автори од странство. Сега во ДЛУМ членуваат над 300 ликовни уметници, главно со завршена ликовна академија. Меѓу другото, организира годишни, тематски и жанровски изложби. Во НУБ „Климент Охридски“ ги организира традиционалните годишни изложби на графика и цртеж (од 1974/1975). Во Уметничката галерија ја организира традиционалната изложба на ситна пластика (од 1980), во КИЦ изложбите на сликарството мал формат (од 1984), а годишни ревијални изложби во соработка со Музејот на град Скопје. Најзначајната форма на годишно ликовно претставување е селективниот Зимски салон на ДЛУМ во Музејот на современата уметност (од 1991). Покрај тоа, ДЛУМ ги доделува и традиционалните награди „Нерешки мајстори“ за сликарство и скулптура, „Лазар Личеноски“ за сликарство, „Никола Мартиноски“ за цртеж, „Моша Пијаде“ за графика, „Петар Мазев“ за сликарство, „Јордан Грабул“ за скулптура и „Димитар Аврамовски Пандилов“ за сликарство мал формат. Сето тоа придонесе ДЛУМ да стане и остане еден од најзначајните афирматори на македонската ликовна уметност во земјата и странство. С. Мл.