ДРУГОВАЦ, Миодраг Милошевиќ

ДРУГОВАЦ, Миодраг Милошевиќ (с. Друговац, Пожаревачко, Србија, 12. Ⅹ 1928 – Скопје, 9. Ⅹ 1995) – литературен историчар и критичар, поет, есеист, редактор, универзитетски професор, преведувач. Истакнат претставник на етничките Срби што активно учествувале во развојните процеси на новата македонска литература (Радивое Пешиќ, Зоран Јовановиќ, Бранко Заревски, Гордана Стојковска, Јадранка Владова Ристиќ, Влада Урошевиќ). Живеел и работел во Скопје, како новинар, редактор на литературното списание „Современост”, професор по српска литература на Филолошкиот факултет во Скопје. Пишувал на српски и на македонски јазик. Автор е на капиталното дело „Историја на македонската книжевност во ХХ в.” (Скопје, 1990). БИБ.: Поредокот на немирот, поезија на српски јазик, 1960; Подвижно огледало, критики и есеи на македонски јазик, 1968; Влашка рапсодија, поезија на српски јазик, 1969; Современици, есеи, на македонски јазик, 1970; Книга за Јаневски, монографија, 1971; Ристо Крле, монографија, 1974; Современа македонска критика, 1974; Македонски писатели за деца, 1975; Македонската литература од Мисирков до Рацин, 1975; Критиката на Митрев, 1985; Поетиката на Гане Тодоровски, 1988; Критички раскопки, студија, 1989; Трагачот, честакот, јатката, студија, 1997; Поезијата на Јован Котески, 2003. Г. Т.