ДРИМКОЛ

ДРИМКОЛ -. (од Дрим и тур. кол: одред војска или стража; жупа) – предел во југозападниот дел на РМ, на границата со Албанија. Се простира на запад од реката Црни Дрим, по источните страни на планината Јабланица. На југ допира до брегот на Охридското Езеро, а на север до Дебарска Жу-па. Се дели на Струшки Дримкол на југ и Дебарски Дримкол на север. Струшки Дримкол е поголем и се шири на дел од Струшко Поле, а дебарски Дримкол е планинско-ридест крај. Покрај источната периферија на двата Дримкола води регионален пат кој го поврзува пределот на север со Дебар и на југ со Струга. На запад, од Струга преку ќафасан, води меѓународен пат кој го поврзува Д. со Албанија. Во Дримколската Клисура се изградени две вештачки акумулации, Глобочица и шпилје, на кои се подигнати и две електроцентрали. Кај селото Пискупштина е откриен јаглен со резерви од околу 3,5 милиони тони и тој се експлоатира. Во Д. има 23 села, од кои 16 се во Струшки, а 7 во Дебарски Дримкол. Главно административно и стопанско средиште на Д. е Струга. Најголемо село е Лабуништа, со 5.936 ж. (2002 г.), додека селото Вевчани е самостојна општина. Населението го составуваат Македонци, Македонци муслимани (Торбеши) и Албанци, кои се поделени на Геги и Тоски. Главно занимање на дримколци во Струшко Поле е земјоделството, а во јабланичките села сточарството. Значаен дел од населението е заминато на привремена работа во странство. ЛИТ.: М. Филиповић, Дебарски Дримкол, Скопље, 1939. Ал. Ст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *