ДРЖАВНИ ПРАЗНИЦИ НА ДФМ/НРМ/СРМ/РМ

ДРЖАВНИ ПРАЗНИЦИ НА ДФМ/НРМ/СРМ/РМ . – неработни празнични денови според Законот за државните празници, со кои се одбележува и прославува годишнината од некој верски или световен настан од општата или националната историја. Во ДФМ/НРМ/СРМ се празнуваа државните празници на ДФЈ/ ФНРЈ/СФРЈ, а како национални празници 2 Август и 11 Октомври. Според усвоениот Закон за празниците на Република Македонија(23. Ⅹ 2007), за државни и верски празници се прогласени вкупно 27 датуми. Државни празници се: 24 Мај – Св. Кирил и Методиј – Ден на сесловенските просветители, 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба; 8 Декември – Св. Климент Охридски, 2 Август – Илинден, 8 Септември – Ден на независноста и 11 Октомври – Ден на востанието. Празници на Македонија се: Нова година, 1 Мај, Велигден, Божик и Рамазан-бајрам како неработни за сите граѓани. За православните христијани неработни денови се: 6 Јануари – Бадник, 19 Јануари – Водици, Велипеток, Духовден и 28 Ав-густ – Голема Богородица. За католиците неработни денови се: Божик, Велигден и Празникот на сите светци (според Грегоријанскиот календар). За верниците од муслиманската вероисповед неработен е првиот ден од Курбан-бајрам, а за припадниците на албанската заедница и 22 Ноември – Ден на албанската азбука, за Евреите неработен е првиот ден на Јом Кипур, за Србите 27 Јануари – Свети Сава, а за другите заедници и 8 Април – Меѓународен ден на Ромите, 28 Септември – Меѓународен ден на Бошњаците, 21 Декември – Ден на образованието на турски јазик и 23 Мај – национален ден на Власите. С. Мл.