ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ ВО НРМ/РМ сопственост чиј носител беше државата

ДРЖАВНА СОПСТВЕНОСТ ВО НРМ/РМ – сопственост чиј носител беше државата. Во НРМ во периодот на административното раководење со стопанството се воведе државна сопственост (општонароден имот) на основните средства за производство. Во овој период државната сопственост, во основа, се создаваше преку национализација на приватната сопственост или со „експропријација на експропријаторите“. Државата беше носителот на политичката власт и сопственикот, субјектот на целокупниот фонд на државната сопственост. Овој вид сопственост постепено се трансформира во општествена сопственост, со воведувањето на самоуправувањето во производството во педесеттите години од ⅩⅩ в. Законот за сопственост и другите стварни права (2001) експлицитно ја воведува државната сопственост во РМ, заедно со приватната сопственост и сопственоста на единиците на локалната самоуправа. Државната сопственост во Република Македонијае создадена со трансформација на средствата за производство и на земјиштето од општествена во државна сопственост. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право на СФРЈ, Прва книга, Македонска книга, Скопје, 1986. Св. ш.