ДРВНИ ПЛОЧИ

ДРВНИ ПЛОЧИ – плочест дрвен производ добиен со слепување на масивни дрвни елементи, фурнири, дрвни иверки, дрвни влакна, дрвна волна и др. Слепувањето на елементите во плочите се врши со органско или со неорганско средство за врзување (лепило). Во зависност од конструкцијата и употребените материјали, дрвните плочи се користат во производството за мебел, во производството на ентериери и на градежна столарија, во градежништвото, за амбалажа, во автомобилската индустрија и за специјални потреби. Според структурата тие се поделени на следните групи: фурнирски плочи; специјални фурнирски плочи; столарски плочи; плочи од дрвени иверки; плочи од ориентирани дрвни иверки; плочи од дрвни влакна; плочи од дрвна волна; еднослојни и повеќеслојни плочи од масивно дрво; и слоевити (сендвич) плочи. Б. Ил.