ДРАГАШ, Константин

ДРАГАШ, Константин (?–17. Ⅴ 1395) – помладиот син на деспотот Дејан (изворно засведочен само како господин Константин) и на Владислава (или Евдокија). До Маричката битка, како малолетен, бил во сенка на брат му, деспотот Јован Драгаш. Во периодот 1372–1375 г. источно од р. Вардар и од Тиквеш, заедно со брат му формирале самостојна држава со престолнина во Велбужд, а најдоцна од 15 јуни 1381 г. (смртта на Јован Драгаш) бил единствениот владетел. По 1385 г. го признал султанот Мурат Ⅰ за свој сизерен (како вазал на Бајазит учествувал на состанок во Сер, 1393/1394). Во 1390 г. од неговата држава султанот го одзел главниот рударски град Кратово. ќерката Елена ја омажил за синот на царот Јован В, подоцнешниот цар Мануел Ⅱ (1391–1425). Освен повелбите со брат му, самостојно издал уште три грамоти. Загинал во битката кај Ровине во Влашко (заедно со кралот Марко) (17 мај 1395 г.) како османлиски вазал. ЛИТ.: Х. Матанов, Княжеството на Драгаши. Към историята на североизточна Македония в предосманската епоха, София, 1997; Г. Острогорски, Господин Константин Драгаш, Византија и Словени, СД, ИВ, Београд, 1970. Б. Петр.