ДОНСКИ, Љубомир

ДОНСКИ, Љубомир (Љупчо) Миланов (Штип, 23. XI 1926 – Штип, 29. XI 2006) – ликовен уметник, музичар-инструменталист и писател. Гимназија и музичка школа учел во родниот град и во Скопје, апсолвирал на Медицинскиот факултет (1963), а паралелно ја посетувал Ликовната секција на Работничкиот универзитет во Скопје. Рано пројавил и литературни амбиции и објавил одделни литературни публикации, меѓу кои и првиот научно-фантастичен роман на македонски јазик „Враќање од пеколот” (1966). Член бил на ДЛУШ и на ДНУШ и член на Редакцијата на сп. „Дело 74”. Животна преокупација му станува сликарството. Има приредено над 20 самостојни и учествувано на многу колективни ликовни изложби во земјата и надвор. Најпознати ликовни дела му се композициите „Враќањето на ослепената Самуилова војска” (1969), создадена по повод 1000годишнината на Самуиловото Царство, и „Разловечкото востание”, насликано по повод 100-годишнината од настанот. БИБ.: Ода на љубовта, повест, Скопје, 1953; Враќање од пеколот, роман, книга прва, Штип, 1966; Балада за еден борец (Драма во стихови), Штип, 1995; Трагикомични раскази, Штип, 1995. ЛИТ.: Јордан Конев и Тихо Михаилов, Четворица браќа – четворица таленти, „Нова Македонија”, 31. Ⅻ 1965 и 1 и 2. Ⅰ 1966; С. П., Излезе од печат „Враќање од пеколот” – роман од Љубомир Донски, „Нова Македонија”, 9. Ⅵ 1966, 4; Зоран Живковић, Енциклопедија научне фантастике, Београд, 1990, 330; Соња Стојменска–Елзесер, Научнофантастичниот роман Враќање од пеколот од Љубомир Дон-ски, „Спектар”, бр. 43-44, Скопје, 2004, 77-79; Т. ширилов, Репродукции на „Ослепената Самуилова војска” за училиштата, „Вечер”, 3. Ⅱ 1970, 7; Разловечкото востание на сликарско платно, „Нова Македонија”, 4. Ⅴ 1976, 8; „Југослањисцхер Рембрандт” им Ротен Адлер, „Сцхаффхаусер Букг”, 12. Х 1978, 11; Е. Лукас, Стилле унд арцхаисцхе Билдер вон еинер бауерлицхен Њелт, „Сцхаффхаусер Нацхтрицхтен”, 18. Х 1978, 15. Бл. Р.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *