ДОМАЌИНСТВА ВО МАКЕДОНИЈА

ДОМАЌИНСТВА ВО МАКЕДОНИЈА – заедници на лица што меѓусебно се поврзани со заедничко домување и стопанисување и заеднички ги трошат своите приходи. Домаќинство може да сочинува и само едно лице (самечки домаќинства). Во текот на општествено-економскиот развој претрпеле крупна преобразба. Големите проширени патријархални семејни заедници (задруги), како домаќинства составени од припадниците на повеќе индивидуални семејства, до блиското минато претставувале типичен облик на семеен живот во Македонија, но исчезнуваат во процесот на општествено-економскиот развој и посебно во текот на неколкуте децении на забрзана деаграризација, индустријализација и урбанизација по Втората светска војна. Бројот на членовите на одделните домаќинства постојано опаѓал. Според пописот на населението од 1921 г., просечниот број членови на едно домаќинство во Македонија изнесувал 5,15 лица, при што селските домаќинства броеле просечно по 5,73, а домаќинствата во градовите по 4,44 члена. Статистичките податоци за 1989 г. посочуваат дека тогаш земјоделските домаќинства броеле просечно по 4,81 членови, неземјоделските по 3,82, додека мешовитите домаќинства, како нова категорија што започнала да се формира уште од порано (со почетоците на индустријализацијата), по 4,62 члена. Промените во овој поглед можат да се видат и од најновите статистички податоци: просечниот број членови на едно домаќинство постојано опаѓал и од 5,2 члена во 1961 е сведено на 3,58 члена во 2002 г. Многу покрупни и од економскосоцијален аспект вонредно значајни се промените што настанаа во поглед на производствено-потрошувачката функција и улога на домаќинствата, организацијата на трудот и поделбата на работата, местото на одделните членови на домаќинствата и посебно положбата на жената и сл. Во економски поглед, од производственопотрошувачки заедници домаќинствата се трансформираа во целосно потрошувачки заедници. Сè повеќе се надминува и строгата традиционална поделба на работите на типично „машки” и „женски”. За семејната власт не може да се рече дека е концентрирана во рацете на мажот, како што било во поранешните услови на традиционално-патријархалниот начин на живеење. Преку системот на образование и стручно оспособување, жената ја обезбедува незаменливата основа на својата економска независност и општествена еманципација. Целосно е изменета и едукативната фунција на современите семејни заедници и домаќинства. Семејството и домаќинството веќе не се единствениот и најважен фактор на социјализацијата. За подигање на децата во интелектуален, морален и во културен поглед сè поголемо е значењето на т.н. секундарни фактори на општествената социјализација, како што се групите врсници, предучилишните установи и установите од сите степени на образование, масовните медиуми за комуникација и општествено информирање, како и сите други, многубројни и различни видови групи, средства и влијанија. Во сегашните најнови и наполно изменети услови, уште позасилено продолжуваат процесите на просторно и уште повеќе на социјално оддалечување на одделните семејства и домаќинства, како и на самите членови на семејните заедници. ЛИТ.: Христо Карталов, Социологија на селото, Скопје, 1996; Ристо Христов, Социологија, Скопје, 1994. Р. Х.