ДОБРА ВОДА

ДОБРА ВОДА – висока венечна планина што се издига помеѓу долината на Мала Река од исток и Кичевската Котлина од запад. На север започнува од Дупен Камен (1.857 м) со кој е одделена од Сува Гора, а на југ се протега до долината на реката Треска. Централното било има динарски правец на протегање сз–ји. Се дели на два дела: северен (познат и под името Челоица) со највисок врв Добра Вода (2.062 м) и јужен (познат како Песјак) со врвовите Кула (1.917 м) и Коњарник (1.874 м). Зафаќа вкупно површина од 396 км². Неотектонските движења овде се особено манифестирани, така што од сите страни е ограничена со раседи. Планинското било се протега во должина од 25 км. Највисокиот дел е под пасишта, а планинските страни се под дабова и букова шума. Т. Анд.