ДИМЧЕВСКИ, Ѓорѓи

ДИМЧЕВСКИ, Ѓорѓи (Скопје, 18. Ⅳ 1924 – Скопје, 16. Ⅰ 2006) – инструменталист (виолинист), фолклорист, мелограф, аранжер, композитор и диригент. Бил учесник во НОАВМ (од 9. IX 1944). По Ослободувањето бил референт за работата на културно-уметничките друштва на Поверенството за култура при Градскиот одбор во Скопје, директор на Нижото музичко училиште (1948/1949), раководител на хорот на КУД „Орце Николов” (1949-1954) и музички раководител на Ансамблот за народни песни и игри „Танец” до пензионирањето (1954-1978). Во меѓувреме дипломира на Вишата музичка школа во Скопје (1971). Основач е на познатата женска пејачка група „Сирма”, на сектетот „Лира”, на познатиот октет „Македонија” (1976) и беше долгогодишен соработник и музички раководител на КУД „Гоце Делчев” во Скопје. Има забележано (со мелограми) околу 200 македонски ора и автор е на голем број песни и ора во духот на македонскиот фолклор. Како инструменталист со соработниците снимил околу 25 лонг-плеј плочи музика. БИБ.: Вие се оро македонско. Збирка на македонски ора, Скопје, 1983; Седенка се збира, Скопје, 2003; Македонски ора, Скопје, 2003. ЛИТ.: Д-р Симо Младеновски, Ѓорѓи Димчевски – наш истакнат мелограф, композитор и одличен инструменталист (предговор на македонски, англиски, руски, француски и германски јазик), во кн. Ѓорѓи Димчевски, Вие се оро македонско, Скопје, 1983, 5-28. С. Мл.