ДИМОВСКИ, Михаило

ДИМОВСКИ, Михаило (Ресен, 15. XI 1941 – Скопје, 11. XI 1979) – етномузиколог, прв школуван етнокореолог. Дипломира во првата генерација на Одделот за музички фолклор на Музичката академија во Белград (1967), а потоа беше асистент-етнокореолог во Институтот за фолклор во Скопје (1. XI 1968 – 11. XI 1979). При едногодишниот престој на Московскиот конзерваториум (1969) ја специјализира Лабановата нотација на ората. Подоцна беше на студиски престој во СР Романија и во ЧССР. Даде значаен придонес за развојот на етнокореологијата во Македонија. Со кино-камера теренски сними поголем број македонски народни ора и ги подготви за објавување. Беше особено ангажиран и во дејностите за сценско прикажување на фолклорот, посебно на фолклорните фестивали во Македонија. Остана недовршена неговата докторска дисертација „Македонските народни ора од Западна и Југозападна Македонија” кај менторот д-р И. Иванчан (Загреб). Автор и коавтор е на три книги и триесетина статии и други прилози. БИБ.: Македонски народни плесови, Загреб, 1973 (со коавтори); Орската традиција во село Ињево (Радовишко), Скопје, 1974; Македонски народни ора од репертоарот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец”, Скопје, 1977. ЛИТ.: Ѓорѓи М. Ѓорѓиев, Михаило Димоски (1941-1979), „Македонски фолклор, ⅩⅠⅠⅠ, 25, Скопје, 93-94; 50 години Институт за фолклор. Библиографија на изданијата на Институтот за фолклор „Марко Цепенков” – Скопје и на магистерските и докторските дисертации на соработниците 1950-2000. Подготвила Мирјана Анастасова, Скопје, 2000, 146. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *