ДИМОВСКИ, Александар

ДИМОВСКИ, Александар (Охрид, 1. Ⅲ 1928 – Скопје, 25. Ⅹ 2005) – унив. професор, зоолог. Основното и средното образование ги завршил во Охрид. Во 1946 г. се запишал на Групата биологија на Филозофскиот факултет во Скопје (индекс број 1 на Скопскиот универзитет). По дипломирањето (1951) бил избран за асистент на Зоолошкиот завод. Во 1960 г. ја одбранил докторската дисертација. Во 1961 г. бил избран за доцент, во 1966 за вонреден професор, а во 1971 за редовен професор. Пензиониран е во 1988 г. Изведувал настава по предметите зоологија на ’рбетните животни, споредбена анатомија и анатомија на човекот. Се занимавал со проучување на најголемиот дел од ’рбетниците во Македонија. Има објавено два универзитетски учебника и околу 60 научни трудови. Д. Пр. Дончо Димовски