ДИМИТРОВ, Евгени

ДИМИТРОВ, Евгени (Плевен, 1. Ⅰ 1919) – правник, универзитетски професор и академик. Основно училиште и гимназија до Ⅵ клас учел во Велес, а Ⅶ и Ⅷ клас во Скопје, каде што и матурирал. Студирал две години на Правниот факултет во Белград, а потоа студиите ги продолжил во Софија, каде што и дипломирал. Избран за наставник по уставно право во звањето предавач на Правно-економскиот факултет во Скопје (1951). Избран е за доцент (1954), подоцна хабилитира (1962) и е избран за вонреден и за редовен професор на Правниот факултет. Покрај наставата по уставно право, изведувал настава и по пред-Евгени Димитров метот општествено-политичкиот систем на ФНРЈ/СФРЈ. Станува дописен член на МАНУ (1974), а потоа и редовен член (1981). Бил декан на Правниот факултет во Скопје (1963/64 и 1964/1965) и прв претседател на Здружението за уставно право на Македонија (1982). Како студент пројавил активна дејност во редовите на предвоената напредна студентска младина. Објавил околу 150 научни труда и учествувал во работата на околу 40 научни и стручни собири во земјата и во странство. БИБ.: Положбата на македонскиот народ и Социјалистичка Република Македонија во Федеративната социјалистичка заедница, Скопје, 1963; Државата во процесот на транзиција во Република Македонија, Скопје, 1998. ЛИТ.: Зборник во чест на Евгени Димитров, Скопје, 1999. Св. ш.