ДЕЈАНОВ, Иван Илиев

ДЕЈАНОВ, Иван Илиев (ќустендил, Бугарија, 6. Ⅰ 1932 – Скопје, 10. Ⅶ 2001) – трансфузиолог, имунолог, академик. Тој е основач на модерната трансфузиологија во РМ, а како прв специјалист трансфузиолог успешно ја насочувал трансфузиологијата како научна и клиничка дисциплина, создавајќи бројни кадри и високо реноме на РЗТ на просторите на поранешна Југославија и пошироко. Дипломирал на Мед. ф. во Скопје (1958). Од 1960 г. е вработен во РЗТ во Скопје и станува прв спец. по трансфузиологија во Република Македонија(1965). За виш унив. предавач на Мед. ф. е избран во 1983 г., а за редовен член на МАНУ на 26. Ⅵ 1997 г. По усовршувањето во лабораториите за хемостаза и тромбоза на познатиот Мед. ф. на Северна Каролина (САД) кај К. М. Бринхаус и Г. Д. Пенинг (1964-1965 и 1966-1968), во Скопје го формирал Одд. за хемостаза и тромбоза со биохемиска, хематолошка и имунолошка лабораторија. Неговата стручнонаучна работа се однесува на растројствата на хемостазата (вродени и придобиени), рационална и оптимална употреба на крвта и крвните деривати, на проблемите на сигурна крв, докажување на вирусите на хепатитот, воведување методи за имунолошка дијагностика, како и на методи за пречистување и производство на дијагностички и тераписки материјали. Неговите трудови за постоење дефицит на антитромбин Ⅲ, на постоењето на деградационите продукти на протромбинот во циркулацијата, за кооперацијата на имуногенезата и тромбогенезата се високо вреднувани кај нас и во светот. Изучувањето на хепатитот Б, а особено на хепатитот Ц кај болните на дијализа беа меѓу првите во Европа (1991-1993). Своите научно-стручни истражувања и искуства ги отпечати и соопшти во над 350 публикации и соопштенија. Напиша (со соработниците) 3 книги. Своето знаење го разменуваше и го збогатуваше со колеги од Европа и од светот при посета на познати центри за хемостаза и учество на конгреси: Осло (1971), Виена (1973, 1979), Хелсинки (1975), Атина (1976), Париз (1978), Прага и П’лзен (1977, 1978), Будимпешта (1982), Москва (1969, 1981, 1985), Минхен (1978), Франкфурт (1982), Упсала (1991), Хајделберг (1991). Од 1997 г. ги раководел проектите на МАНУ „Антимикробната и антитромботичната активност на антибиотиците” и „Антропогени ефекти врз животната средина во Охридско-преспанскиот регион”. Бил пратеник во Собранието на СРМ, претседател на Секцијата за хематологија и трансфузиологија при МЛД, член на повеќе работни тела на Мед. ф., делегат на СИЗ за здравство, претседател на Југословенската секција за хемостаза и тромбоза. Тој е основач и бил прв претседател на Македонско-израелското друштво за пријателство и соработка. ИЗВ.: Билтен, Дванаесетто изборно собрание (Предлози на кандидати за избор на редовни членови на МАНУ поднесени од одделенијата на Академијата), Скопје, мај 1997 година, 83-118; Летопис на МАНУ, Скопје, 1997, 197-198; СПОМЕНИЦА посветена на Иван Дејанов, редовен член на МАНУ, Скопје, 2001, 7-68. БИБ.: Принципи на лабораториска хематологија, Скопје, 1995; (коавтор:) Тромботическое заболевание, АктуелÝние проблемì гемостаза в клинической практике, Москва, 1987; Инфекции, хемостатски нарушувања и антибиотичка терапија кај болни на хемодијализа, Скопје, 2004. М. Пол. Крсте Дејановски